ВНИМАНИЕ ЗА ТУРИСТИТЕ: Објавена мапа со локациите каде е забележана опасната „риба зајак“ во Грција
Токсичната инвазивна риба Lagocephalus sceleratus, позната како „риба зајак“, продолжува да се шири низ грчките мориња, поради што надлежните институции повторно апелираат на зголемена внимателност, особено во екот на туристичката сезона.
За полесно информирање на граѓаните и туристите, грчката мрежа за рано предупредување за инвазивни видови ELNAIS објави интерактивна мапа на која се означени местата каде досега е забележана оваа риба. На мапата се опфатени повеќе локации долж грчкото крајбрежје, островите, Крит и делови од Егејското Море.
„Рибата зајак“ потекнува од Црвеното Море и во Средоземното Море навлегла преку Суецкиот Канал. Во грчките води првпат е регистрирана во 2005 година, а нејзината популација оттогаш постојано расте.
Морските биолози предупредуваат дека овој вид претставува сериозна закана за морскиот екосистем бидејќи се храни со автохтони видови и нема природни непријатели кои би го ограничиле неговото ширење.
Поради сè поголемото присуство, грчките власти подготвуваат програма со која професионалните рибари ќе добиваат финансиска поддршка за улов на оваа инвазивна риба, со цел да се намали нејзината бројност.
Експертите предупредуваат дека иако нејзиниот угриз не е отровен, таа има исклучително силни вилици кои можат да предизвикаат тешки повреди. Дополнително, оваа риба е позната и по тоа што содржи опасен токсин, па не смее да се консумира доколку не е специјално обработена од овластени експерти.
Надлежните служби апелираат до туристите и локалното население да не ја допираат доколку ја забележат во морето или на брегот, туку веднаш да го пријават нејзиното присуство кај надлежните институции. Со оглед на големиот број туристи кои летуваат во Грција, предупредувањето важи за сите капачи кои престојуваат на грчките плажи.