ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО ОД КУМАНОВО: Група девојчиња брутално претепаа врсничка, случајот го истражуваат полицијата и Обвинителството
Нов случај на меѓуврсничко насилство ја вознемири јавноста, откако на социјалните мрежи се појави видео од Куманово на кое се гледа како група девојчиња физички напаѓаат врсничка.
Според објавената снимка, девојчето е удирано со шлаканици и клоци, влечено за коса и туркано кон ѕид, додека целиот инцидент го снима едно од присутните лица. Видеото првично било споделено на социјалната мрежа „Снепчет“ со навредлив опис: „Кога ќе ме пцуеш, ќе јадеш и ќотек“.
Според информациите, насилството се случило пред околу еден месец, но случајот дури неодамна бил пријавен во полиција, откако снимката почнала да се шири на социјалните мрежи.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека СВР Куманово, во координација со Основното јавно обвинителство, презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот.
Надлежните најавуваат дека по завршување на истрагата ќе бидат соопштени повеќе детали и ќе бидат преземени соодветни законски мерки против инволвираните лица.
Случајот повторно ја отвори темата за меѓуврсничкото насилство и злоупотребата на социјалните мрежи, каде вакви инциденти често се снимаат и споделуваат, наместо навреме да бидат пријавени.