ЌЕ СЕ РАБОТИ ЛИ ДО 72 ГОДИНИ? Дали подолгиот работен стаж би значел и повисоки пензии?

ЌЕ СЕ РАБОТИ ЛИ ДО 72 ГОДИНИ? Изјавите за можно продолжување на работниот век предизвикаа бурни реакции

 

Изјавите за можноста граѓаните доброволно да работат до 70, 71 или 72 години предизвикаа силни реакции во јавноста и отворија дебата за иднината на пензискиот систем во Македонија.

 

Иако засега нема предлог-закон ниту официјална одлука за зголемување на старосната граница за пензионирање, темата стана актуелна по изјавите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа посочи дека во рамки на анализите што ќе ги спроведуваат меѓународните финансиски институции, меѓу можните препораки би можело да биде и доброволно продолжување на работниот век за лицата кои сакаат и можат да останат активни.

 

По бројните реакции, министерката појасни дека не станува збор за задолжително поместување на старосната граница, туку за можност што би зависела од личната одлука на работникот.

 

Во меѓувреме, претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, остро се спротивстави на ваквите најави. Тој порача дека финансиските проблеми на пензискиот систем не смеат да се решаваат на сметка на работниците, нивното здравје и работен век.

 

Темата отвори и повеќе прашања во јавноста – дали продолжувањето на работниот век навистина би било доброволно, кој би одлучувал кои работни места се погодни за работа до подоцнежна возраст, како и дали подолгиот работен стаж би значел и повисоки пензии.

 

Засега, институциите не најавуваат конкретни законски измени, а евентуалните реформи ќе зависат од анализите на пензискиот систем и идните предлози што ќе бидат разгледувани од надлежните институции.