Нова анализа: Нема да ви се верува колку жртви Русија загуби против Украина

Нова анализа: Руските загуби во војната надминаа 1,4 милиони, Украина со до 625.000 жртви

Нов извештај на Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS) покажува дека војната во Украина продолжува да носи огромни човечки загуби за двете страни. Според проценките, Русија досега претрпела околу 1,4 милиони жртви – загинати, ранети и исчезнати војници, додека украинските загуби се проценуваат на меѓу 525.000 и 625.000.

Авторите на анализата, Сет Г. Џонс и Рајли Мекејб, оценуваат дека станува збор за една од најкрвавите војни во поновата историја. Според нив, руските загуби се повеќе од четири пати поголеми од вкупниот број американски жртви во сите војни од Втората светска војна наваму, како и повеќе од девет пати повисоки од вкупните советски и руски загуби во сите конфликти по 1945 година.

Во извештајот се наведува дека загубите не се рамномерно распределени низ Русија, при што најтешко погодени се сиромашните региони и етничките малцинства. Во дел од руските опозициски медиуми сè почесто се објавуваат приказни за мали населени места во кои речиси целата машка популација била мобилизирана и загинала на фронтот.

Иако ниту Москва ниту Киев не објавуваат официјални податоци за бројот на жртвите, проценките на CSIS во голема мера се совпаѓаат со анализите на западните разузнавачки и истражувачки институции.

Според авторите, во првата половина од годинава односот на загубите значително се променил во корист на Украина. Тие проценуваат дека на секој украински војник кој бил убиен, ранет или исчезнат, имало околу осум руски жртви.

Како една од главните причини се наведува значителниот напредок на Украина во употребата на беспилотни летала, кои овозможиле создавање поширока и поефикасна зона на одбрана долж фронтот. Аналитичарите сметаат дека украинската стратегија успешно ги ограничува руските маневри и придонесува за поголеми загуби кај руските сили.

Дополнително, во извештајот се наведува дека руските загуби се зголемуваат и поради слабата тактика, недоволната координација на операциите, корупцијата и нискиот морал кај дел од воените единици.