Скопјанец 25 години е официјално мртов, иако е жив

Скопјанец 25 години е официјално мртов, иако е жив

Веќе 25 години Афет од Скопје официјално се води како починат, иако е жив и со години води неуспешна институционална битка за да докаже дека е жив, иако државата одамна го избришала од евиденцијата.

Не можејќи да најде излез од институционалниот лавиринт, тој побарал помош од Народниот правобранител.

„Постапувајќи во рамките на своите уставни и законски надлежности за заштита на правата на граѓаните, Народниот правобранител постапуваше по претставка поднесена на 24.01.2023 година од граѓанин од Скопје, кој повеќе од седум години водел постапки пред повеќе институции за да биде избришан од Матичната книга на умрените, каде што по грешка бил запишан по смртта на неговиот брат близнак во странство, поради замена на личните документи“, се наведува во извештајот на Народниот правобранител, пренесува „Фокус“.

Забуната настанала во 2001 година, кога братот близнак на Афет заминал во Чешката Република и тајно го зел неговиот пасош. Набргу потоа починал во странство, а врз основа на пасошот институциите евидентирале дека починал Афет.

Иако преку отпечаток од прст било потврдено дека станува збор за Афет, институциите со години си ја префрлаат одговорноста околу тоа кој е надлежен да ја исправи грешката. Основниот граѓански суд Скопје и Управата за водење на матичните книги меѓусебно си ја префрлаат надлежноста.

Граѓанинот поднел барање до Основниот граѓански суд Скопје да биде прогласен за жив, но судот донел решение со кое се прогласил за ненадлежен, образложувајќи дека таква постапка не е предвидена со важечките законски прописи. Откако решението станало правосилно, му било укажано случајот да го решава пред Управата за водење на матичните книги.

Од друга страна, Управата повторно го упатила граѓанинот на судска постапка, наведувајќи дека само суд може да донесе решение со кое лицето ќе биде прогласено за живо, по што Управата би можела да го поништи уписот во Матичната книга на умрените.

Поради ова меѓусебно префрлање на надлежностите, без суштинско постапување по неговото барање, Народниот правобранител оцени дека е повредено основното право на живот, бидејќи граѓанинот, кој официјално се води како починат, е спречен да ги остварува дури и најосновните права.