Судијата на натпреварот Египет – Аргентина повторно во центарот на вниманието: Еве што направи еден ден по натпреварот

Судијата на натпреварот Египет – Аргентина повторно во центарот на вниманието: Еве што направи еден ден по натпреварот

Контроверзиите по осминафиналниот натпревар меѓу Египет и Аргентина на Светското првенство сè уште не стивнуваат. По драматичната победа на Аргентина со 3:2, египетските медиуми и навивачи продолжуваат жестоко да го критикуваат францускиот судија Франсоа Летексије, обвинувајќи го дека со своите одлуки директно влијаел врз конечниот исход.

Најмногу реакции предизвикаа поништениот гол на Египет и двете спорни ситуации во завршницата, за кои Египќаните сметаат дека требало да бидат досудени пенали. Селекторот Хосам Хасан по натпреварот изјави дека судењето било „скандалозно“, а критики беа упатени и кон ВАР-системот.

Еден ден по натпреварот, Летексије повторно се најде во центарот на вниманието, откако поради огромниот број навреди и закани на социјалните мрежи ги ограничи коментарите на своите официјални профили.

Во Египет, незадоволството продолжува да расте. На платформата X, хаштагот „купен судија“ стана еден од најсподелуваните, додека на интернет се појави и петиција со која се бара оставка од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи масовно се споделуваат фотографии, видеа и мемиња креирани со вештачка интелигенција, со кои се исмева, како што тврдат дел од навивачите, наводната наклонетост на ФИФА кон аргентинската репрезентација.

За многу египетски навивачи, поразот од Аргентина не претставува само спортско разочарување, туку натпревар во кој веруваат дека биле оштетени од судиските одлуки.