Трагична драма во Охрид: Почина 44-годишен маж откако проголтал пакетче со дрога при полициска контрола

Трагедија во Охрид: Почина 44-годишен маж откако проголтал пакетче со дрога при полициска контрола

Четириесет и четиригодишен жител на Охрид починал откако, според првичните информации, проголтал пакетче со наркотична материја за време на полициска контрола.

Според информациите од СВР Охрид, инцидентот се случил откако полицијата се обидела да запре возило „Ренџ Ровер“ со чешки регистарски таблички. Возачот не застанал на дадениот знак и се обидел да избега, но по кратка полициска акција бил запрен и приведен околу 22:30 часот на булеварот „Туристичка“.

При прегледот на возилото, полициските службеници забележале дека сопатникот, 44-годишниот С.П. од Охрид, проголтал пакетче за кое се сомнева дека содржело наркотична материја. Набрзо потоа му се влошила здравствената состојба.

На местото веднаш била повикана Итната медицинска помош, која го пренела во Општата болница во Охрид. И покрај напорите на лекарите, мажот починал.

По наредба на јавен обвинител, телото ќе биде предадено на обдукција во Општата болница во Битола, додека полицијата и Обвинителството продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот.

Возачот на возилото, 32-годишен охриѓанец со иницијали И.М., е лишен од слобода, а против него ќе бидат преземени соодветни законски мерки по завршување на истрагата.