Владата итно да побара екстрадиција на Никола Груевски, побара лидерот на опозцсиката СДСМ Венко Филипче. Филипче вели дека по најавата на идниот премиер на Унгарија Петар Маѓар дека нема намера да ги заштитува политичките бегалци, Христијан Мицксоки мора да интервенира и да не го штити додека не се појавила нова дестинација.
Венко Филипче, лидер на СДСМ
– Ќе бега ли на друго место? Во Русија или во некоја друга земја или ќе се врати тука да ја одслужи казната. Има ли барање за екстрадиција оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ поднесена за враќање на Груевски. Доколку нема, зошто нема и доколку нема дали денеска во текот на денот после изјавата на новиот унгарски премиер да поднесат барање за екстрадиција на Никола Груевски во земјата. Правдата колку и да доцни на крајот секогаш стига.
Христијан Мицкоски пак не знае дали откако е тој премиер е побарана екстрадиција на неговиот поранешен партиски шеф и екс премиер, бегалецот Никола Груевски, но знае дека доколку Груевски се врати во Македонија ќе оди во затвор. Лично немал никакви очекувања во однос со Груевски, иако со новопечениот опозиционер на Унгарија Виктор Орбан кој му даде засолниште на Груевски беше и текако во блиски односи.
Христијан Мицкоски, премиер
– Немам очекувања никакви но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и веднаш кога ќе се појави во Македонија нормано органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на одслужување на затворска казна која е согласно правосилна одлука.
Коалицискиот партнер на Мицкоски кој беше дел од ДУИ и во време на бегството на Груевски, прстот го впери во поранешните коалициски партнер.
Поранешниот премиер Никола Груевски е повторно во фокус поради изјавата на Петар Маѓар, победникот на изборите во Унгарија во која рече дека Унгарија нема да биде засолшните на меѓународни криминалци меѓу кои го спомена и Никола Груевски.
Петар Маѓар, претседател на ТИСА
– Мислам дека зборував многу јасно за ова претходно дека предложив да не купуваат никаков мебел во Унгарија од ИКЕА дека нема да останат долго. Унгарија нема да биде засолниште на меѓународни криминалци и тоа не важи само за нив туку и за Никола Груевски поранешен северномакедонски претседател кој е осуденик.
Никола Груевски беше обвинет во седум судски случаи. Од нив, пресуда има за случајот Тенк каде Груевски беше осуден на две години затвор. Извршувањето на казната за ова дело е застарено во октомври 2024 година. Во сучајот Насилство во Центар, Груевски беше осуден на година и половина во затвор а во случајот Плацеви на Водно, пресудата беше 9 години затвор. Извршувањето на затворската казна за случајот Насилство во Центар застарува во 2027 година а за случајот Плацеви на Водно застарува во 2043 година. Случаите Траекторија и ТНТ се застарени додека пак судскиот процес за Талир 1 и 2 и Титаник е во тек.
Поранешниот премиер Никола Груевски побегна од Македонија во 2018 година по пресудата за двегодишната затворска казна во случајот Тенк и побара политички азил во Унгарија со статус на Фејсбук дека работата излегла од контрола. Нема информации до каде е истрагата за бегството на Груевски, кој беше оставен дома цел викенд слободен додека доби упатен акт за во затвор. Груевски беше и осуден и избега во времето на Владата на СДСМ и ДУИ предводена од Зоран Заев. Меѓународната потерница за Груевски се уште стои на сајтот на МВР , а последен пат Груевски е побаран од Унгарија во 2019 година. По најавата на Маѓар, Груевски нема став освен честитика за Велигден./24.mk