СОПСТВЕНИКОТ НА „BAKING BREAD“ ЈА ОТКРИ ПРИЧИНАТА ЗА ПОЖАРОТ: Ги демантираше и гласините дека сè било намерно
Сопственикот на познатиот угостителски локал „Baking Bread“, Мише Цвејевски, се огласи по пожарот што избувна вчеравечер во објектот на улицата „Димитрие Чуповски“ кај Рекорд во центарот на Скопје и ги разјасни околностите под кои настанал инцидентот.
Тој истакна дека најважно е што во пожарот нема повредени лица и дека благодарение на брзата и смирена реакција на вработените, како и навремената интервенција на Противпожарната бригада, биле спречени поголеми последици.
„Фала Богу, никој не е повреден. Благодарение на обуката што ја имаат нашите вработени за вакви ситуации, нивната брза реакција, како и брзата интервенција на момците од Противпожарната бригада, избегнати се поголеми последици. Големо благодариме до нив за професионалноста и брзата реакција“, напиша Цвејевски.
Според него, причината за пожарот било мало невнимание при рутинска промена на маслото во една од фритезите, а не каков било друг фактор.
Сопственикот посочи дека материјалната штета е релативно мала и дека локалот ќе биде повторно отворен за посетители за неколку дена, откако ќе се санираат оштетувањата.
Во својата објава, Цвејевски ги демантираше и шпекулациите што се појавија на социјалните мрежи дека пожарот бил намерно предизвикан за да се наплати осигурување.
„Сакаме јасно да кажеме дека Baking Bread нема да побара ниту еден денар од осигурителната компанија. Штетата е мала и ќе ја санираме сами“, порача тој.
Пожарот избувна во приземниот дел од станбена зграда во центарот на Скопје, а благодарение на брзата интервенција на пожарникарите огнот беше локализиран пред да се прошири на останатиот дел од објектот. Според досегашните информации, нема повредени лица, а причината за инцидентот, според сопственикот, е несреќен сплет на околности при редовно одржување на кујнската опрема.