Која е Фериде, земаше социјално а возеше Мерцедес и Порше

Случајот на Фериде Демирова, која користела социјална помош додека поседувала луксузен имот, повторно ја бранува јавноста, откако нејзиниот адвокат Ангел Ѓорѓиев зборуваше во емисијата „Претрес со Ландов“.

Според него, во овој предмет се обвинети повеќе лица за организирање игри на среќа без лиценца и перење пари, но тврди дека обвинителството треба да докаже дека средствата се стекнати незаконски.

Адвокатот нагласува дека Демирова има ограничено образование и не би можела сама да организира вакви активности.

Тој изнесе и сериозни обвинувања за наводен притисок од страна на обвинителката Милица Гаврилова, која, според тврдењата, ѝ ветила поблага мерка доколку признае вина. Како што беше посочено, записникот од сослушувањето не бил аудио-снимен и не бил потпишан од обвинетите.

Во текот на истрагата, на Демирова ѝ биле одземени возила од типот „Мерцедес“ и „Порше“, златен накит и три станови.

Според наводите, таа учествувала во онлајн игри на среќа, комуницирајќи со клиенти од Турција, додека дел од приходите ги примала преку фирма регистрирана на Кипар.

Адвокатот истакна дека Демирова не била формално вработена и истовремено користела социјална помош, додека дел од средствата ги претворала во криптовалути. Во текот на постапката, таа се бранела со молчење и не дала објаснување за потеклото на парите.