ТРАГЕДИЈА ВО БАНГКОК: Најмалку 27 загинати во пожар во преполн бар – повеќето жртви биле пронајдени во тоалетите – видео после рекламите
Страшна трагедија го потресе главниот град на Тајланд, откако во текот на ноќта избувна пожар во популарниот бар Rong Beer Na Lat Phrao во Бангкок. Според последните информации, најмалку 27 лица загинале, а 63 се повредени, од кои 22 се во критична состојба.
Пожарот избувнал непосредно пред полноќ, во близина на сцената каде што настапувал бенд. Очевидци раскажуваат дека најпрво се појавил чад, по што следувала експлозија и прекин на електричната енергија. За само неколку моменти, густ чад и пламен го зафатиле целиот локал, предизвикувајќи паника меѓу гостите.
Во обид да се спасат, голем број посетители побегнале кон задниот дел од објектот, а дел од нив се сокриле во тоалетите. Токму таму спасувачките екипи подоцна ги пронашле повеќето од жртвите, кои најверојатно починале од вдишување чад.
Пожарникарите успеале да го локализираат пожарот за околу 30 минути, но внатрешноста на барот е целосно уништена. На фотографиите од местото на несреќата се гледаат изгорени маси, столици и музичка опрема, додека прозорците се искршени од силата на пожарот.
Властите започнаа опсежна истрага за причините за трагедијата. Првичните информации укажуваат дека пожарот можеби бил предизвикан од дефект во електричната инсталација во близина на сцената, но се испитува и дали излезите за евакуација биле доволно пристапни во моментот на несреќата.
На социјалните мрежи се споделуваат вознемирувачки видеа на кои се гледа како огромни пламени јазици избиваат од влезот на локалот, додека исплашени посетители се обидуваат да избегаат од огнената стихија. Ова е една од најсмртоносните трагедии во ноќен локал во Тајланд во последните години.