ПЕКОЛНА ГОРЕШТИНА ЈА ЗАФАЌА МАКЕДОНИЈА: Температурите до 37 степени, а потоа следува пресврт со дожд и грмежи
Македонија денеска ќе биде под влијание на силен топлотен бран, а температурите на повеќе места ќе достигнат и до 37 степени. Според најновата прогноза, времето ќе биде претежно сончево и многу топло, со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Утринските температури ќе се движат од 8 до 18 степени, додека максималните дневни ќе бидат меѓу 29 и 37 степени Целзиусови, што ќе го направи денешниот ден еден од најтоплите во овој период.
Во Скопје се очекува сончево време со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, а температурата ќе достигне околу 36 степени.
Сепак, стабилното време нема долго да се задржи. Според метеоролозите, веќе утре попладне во повеќе делови од земјата се очекува развој на нестабилна облачност, која локално ќе донесе пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Иако и во наредните денови ќе остане топло, повремено ќе има услови за краткотрајна нестабилност, особено во попладневните часови, па граѓаните се советуваат да ги следат најновите временски прогнози и да бидат внимателни при појава на невреме.