ТРАГЕДИЈА ВО ГРЦИЈА: Загина синот на претседателката на Бугарскиот олимписки комитет
Голема трагедија ја потресе Бугарија, откако 36-годишниот Мартин Велев, син на претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева, го загуби животот во несреќа на Халкидики.
Според грчките и бугарските медиуми, трагедијата се случила во петокот попладне во морскиот дел кај кампот Порто Елеа. Велев управувал џет-ски, кога под сè уште неразјаснети околности завршил во морето.
Несреќата се случила на локација каде што длабочината на водата изнесува околу 12 метри. Веднаш била организирана обемна спасувачка акција, во која учествувале нуркачи и спасувачки екипи.
По извлекувањето од водата, лекарите се обиделе да го реанимираат, но можеле само да ја констатираат неговата смрт.
Причините за несреќата сè уште се утврдуваат, а грчките надлежни служби спроведуваат истрага за околностите под кои дошло до трагичниот настан. Смртта на Мартин Велев предизвика голема тага во Бугарија, особено во спортската јавност.