Се продаваат становите на Груевски. Еве колку е почетна цена

Кој ќе ги купи луксузните станови на Груевски? Почетната цена достигнува 2,46 милиони евра

 

Државата повторно ги нуди на продажба трите луксузни станови што му беа конфискувани на поранешниот премиер Никола Груевски по правосилната пресуда во случајот „Парцели на Водно“.

 

Заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат становите на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.

 

Два од становите се со површина од околу 200 квадратни метри, со тераси од речиси 50 квадратни метри, а нивната почетна цена изнесува по 850.000 евра.

 

Третиот стан е со површина од околу 150 квадратни метри и балкон од 95 квадратни метри, со почетна цена од 760.000 евра.

 

Вкупната почетна вредност на трите недвижности достигнува 2,46 милиони евра, а просечната цена по квадратен метар е над 3.400 евра. Сепак, конечната сума може да биде и повисока, зависно од исходот на јавното наддавање.

 

Становите се дел од луксузен станбен комплекс на Водно и располагаат со пространи простории, големи тераси, џакузи и панорамски поглед кон Скопје.

 

Инаку, претходните обиди за продажба на дел од овие станови не дадоа резултат, бидејќи немаше заинтересирани купувачи.

 

Недвижностите беа конфискувани по судската постапка во предметот „Парцели на Водно“, во кој Никола Груевски беше осуден на девет години затвор. Според пресудата, предметот се однесуваше на незаконско присвојување на партиски донации и нивно користење за купување земјиште и изградба на недвижен имот.