ЛИКВИДАЦИЈА КАКО ОД ФИЛМ: Со 97 куршуми убиен озлогласен член на грчката мафија – полицијата трага по нарачателот
Вистинска мафијашка ликвидација го потресе Атина, откако 44-годишен маж, познат како една од највлијателните фигури во грчкото подземје, беше убиен со дури 97 истрели на бензинска пумпа во населбата Неос Космос.
Според грчките медиуми, убиството се случило околу 2:00 часот по полноќ во неделата. Полицијата смета дека станува збор за пресметка во рамки на таканаречената „внатрешна војна“ во грчката мафија.
Безбедносните камери покажуваат како жртвата влегува во својот паркиран џип, по што зад него застанува друго возило. Од автомобилот излегуваат две лица кои отвораат оган кон 44-годишникот. По дождот од куршуми, еден од напаѓачите ја отвора возачката врата за да се увери дека жртвата е мртва, а потоа напаѓачите го запалиле џипот и избегале.
Истражителите сметаат дека станува збор за професионално нарачано убиство, за кое најверојатно била платена огромна сума пари. Убиениот, познат по прекарот „Замбон“, важел за еден од главните егзекутори на грчката мафија пред да се издигне во нејзината хиерархија.
Во неговото возило полицијата пронашла два мобилни телефона, пиштол од 9 милиметри, како и автоматска пушка „калашников“ со два полни шаржери во багажникот.
Полицијата се сомнева дека зад ликвидацијата стои мафијаш познат по прекарот „Карафлас“ („Ќелавиот“). Инаку, „Замбон“ бил осомничен и за минатогодишното убиство на двајца мажи познати по прекарите „Рамбо“ и „Нјоњос“.
Ова не бил прв обид за негово убиство. Во октомври 2018 година бил тешко ранет во раката и ногата, но успеал да преживее бидејќи автоматската пушка на напаѓачите се заглавила и испукала само неколку куршуми.
Само еден месец пред тој напад, била убиена и 33-годишна жена со прекар „Бела мафија“, со која „Замбон“ долго време бил во врска.
Неговото име се поврзувало со бројни криминални случаи. Во 2015 година бил дел од криминална група за изнуда, во која биле обвинети и тројца полициски службеници.
Дополнително, уште во 2012 година неговото име било споменувано во истрага поврзана со нарачка за убиство на судија кој работел на случајот со киднапирањето на грчкиот бродски магнат Периклис Панагопулос, за кого бил исплатен откуп од 30 милиони евра.
Грчката полиција продолжува со интензивна истрага и трага по нарачателите и извршителите на оваа спектакуларна мафијашка ликвидација.