КОГА СИТЕ ПОМИСЛИЈА ДЕКА СЕ СМИРИ, СЕРИОЗНА ЕСКАЛАЦИЈА НА БЛИСКИОТ ИСТОК

СЕРИОЗНА ЕСКАЛАЦИЈА НА БЛИСКИОТ ИСТОК: Иран тврди дека возвратил по американските напади

Тензиите меѓу САД и Иран повторно нагло се зголемија откако двете страни разменија обвинувања и воени активности, отворајќи нова фаза на неизвесност во регионот.

Според иранските власти, американските сили во текот на ноќта извршиле напади врз цели во јужниот дел на Иран, по што Техеран соопшти дека возвратил со беспилотни летала насочени кон американската воздухопловна база „Шеик Иса“ во Бахреин.

Во соопштението на иранската армија се наведува дека нападот бил одговор на, како што велат, американската агресија врз воени и цивилни објекти. Засега нема официјална потврда од американска страна за обемот на наводниот напад врз базата, ниту информации за евентуални жртви или материјална штета.

Во меѓувреме, Вашингтон презеде и економски мерки кон Иран. Американското Министерство за финансии ја поништи претходната лиценца со која привремено беше дозволен извоз на иранска нафта и петрохемиски производи. Со новата одлука, на Иран му е оставен рок да ги заврши веќе започнатите трансакции.

Одлуката веднаш се одрази и на светските пазари, при што цената на суровата нафта забележа раст од повеќе од три проценти, поради стравувањата дека евентуална понатамошна ескалација би можела да го наруши снабдувањето преку Ормутскиот Теснец – една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.

И покрај новите тензии, американски претставници порачаа дека дипломатските контакти со Иран продолжуваат и дека сè уште постои надеж за постигнување поширок договор, додека аналитичарите предупредуваат дека секој нов инцидент може дополнително да ја влоши безбедносната состојба на Блискиот Исток.