Трагедија кај Солун: 12 год. дете и возрасен изгореа во пожар

Трагедија кај Солун: Пронајдени две жртви во пожарот, меѓу нив најверојатно и 12-годишно дете

Бројот на загинати во големиот пожар што избувна во близина на Солун се искачи на две лица, откако спасувачките екипи пронајдоа уште едно јагленосано тело во шумската област кај селото Лити.

Според грчките власти, телото сè уште не е официјално идентификувано, но постојат сериозни индиции дека станува збор за 12-годишното дете кое се водеше како исчезнато од почетокот на пожарот.

Претходно, за време на интервенцијата, пожарникарите го пронајдоа телото на маж во близина на истата куќа, додека жена со тешки изгореници беше спасена и итно пренесена во болница.

Пожарот избувнал вчера попладне во област со ниска вегетација, но поради силниот ветер брзо се проширил кон шумата и стигнал до првите куќи во селото Лити, во општина Ореокастро, недалеку од Солун.

Властите преку системот за итни известувања 112 издадоа наредба за евакуација на жителите, кои беа упатени кон локалниот стадион.

Според последните информации, пожарот е ставен под контрола и нема активни жаришта, додека истрагата за околностите на трагедијата продолжува.