ДВА ОД КОНФИСКУВАНИТЕ СТАНА НА ГРУЕВСКИ ПРОДАДЕНИ “НА ПОПУСТ.” ЕВЕ ПО КОЈА ЦЕНА

ПРОДАДЕНИ ДВА КОНФИСКУВАНИ СТАНА НА ГРУЕВСКИ: За недвижностите на „Бихаќка“ платени 107.000 евра

Два од вкупно петте конфискувани стана поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски се продадени на електронско јавно наддавање организирано од Агенцијата за управување со одземен имот.

Станува збор за две недвижности на улицата „Бихаќка“ во Скопје, кои биле продадени по почетните цени наведени во јавниот оглас.

Едниот стан, со површина од 57 квадратни метри, е продаден за 63.000 евра, додека вториот стан, со површина од 38 квадратни метри, добил нов сопственик за 44.000 евра. Вкупната сума остварена од продажбата изнесува 107.000 евра.

За разлика од становите на „Бихаќка“, трите луксузни станови во комплексот „Панорама“ на Водно не биле продадени на првата аукција, бидејќи за нив немало заинтересирани купувачи.

Поради тоа, недвижностите повторно биле ставени на продажба со намалени почетни цени, во согласност со одредбите од Законот за управување со одземен имот. Нивната вкупна почетна вредност била намалена од приближно 2,4 милиони евра на околу 1,84 милиони евра.

Становите биле конфискувани врз основа на правосилната пресуда во предметот „Плацеви на Водно“, во кој Груевски беше осуден за перење пари и незаконско стекнување и прикривање имот.

Според судската одлука, имотот бил стекнат со средства кои потекнувале од незаконско финансирање, поради што бил одземен во корист на државата.

По објавувањето на продажбата, Груевски реагираше дека становите не биле негова сопственост и повторно ја оспори судската постапка, оценувајќи дека случајот против него е политички мотивиран.