Незапаметена семејна трагедија: Дедо, баба и две деца се удавија во реката Струма во близина на Македонија

Голема семејна трагедија ја потресе Бугарија, откако четири лица – дедо, баба и нивните внуци на возраст од 8 и 11 години – ги загубија животите во водите на реката Струма, во близина на селото Пастух, општина Невестино, недалеку од границата со Македонија.

Според бугарските медиуми, семејството било на пикник покрај реката заедно со трите внуци. Во еден момент дедото и бабата влегле во водата, но силната струја ги повлекла.

Гледајќи што се случува, двете постари деца, на возраст од 8 и 11 години, се обиделе да им помогнат, но и тие биле однесени од реката.

По неколкучасовна потрага, спасувачките екипи ги пронашле телата на децата во близина на местото каде што исчезнале. Претходно биле пронајдени и телата на нивните баба и дедо.

Единствено преживеало шестгодишното дете, кое не влегло во водата. Наместо тоа, истрчало до најблискиот пат за да повика помош. Според информациите, детето е во тешка психолошка состојба, но не е физички повредено.

Во спасувачката акција учествувале полиција, пожарникари, волонтери, како и екипи со дронови и чамци. Потрагата траела повеќе од три часа.

Мештаните предупредуваат дека реката Струма на ова место е исклучително опасна, со длабочина од осум до девет метри и силни водени струи, поради што и претходно имало трагични несреќи.