Српски државјанин за малку ќе бил извлечен низ прозорец за време на лет

ДЕТАЛИ ЗА ДРАМАТА ВО АВИОНОТ: Српски државјанин за малку ќе бил извлечен низ прозорец за време на летот Солун–Минхен

 

Вистинска драма се одвивала за време на летот на авиокомпанијата „Ryanair“ од Солун кон Минхен, кога 61-годишен српски државјанин за малку ќе бил извлечен од авионот откако, според сведоштва на патници, дошло до оштетување на еден од прозорците и нагла декомпресија на кабината.

 

Според објавата на грчкиот портал rthess.gr, патниците најпрво слушнале силен тресок, по што еден од прозорците на авионот се оштетил. Кабината останала без притисок, а меѓу патниците настанала паника, додека кислородните маски автоматски се активирале.

 

Според сведочењето на патник кој бил во авионот, 61-годишниот Србин најпрво бил задржан од својата сопруга, а потоа и од други патници кои се вклучиле за да го извлечат назад во кабината. Благодарение на нивната брза реакција, избегната била трагедија.

 

По инцидентот, пилотот веднаш го променил курсот и се вратил на аеродромот во Солун, каде авионот безбедно слетал.

 

Жената која седела покрај оштетениот прозорец била преземена од екипа на итната медицинска помош ЕКАБ и пренесена во Универзитетската болница „АХЕПА“ во Солун со повреди на вратот.

 

Во болница била пренесена и бремена патничка од истиот лет, која била прегледана во болницата „Ипократио“. По извршените медицински испитувања и ехографија, лекарите утврдиле дека нема компликации, по што таа била пуштена на домашно лекување.

 

За случајот реагираше и претседателот на ПОЕДИН, Михалис Јанакос, кој изјави дека станувало збор за трагедија која за малку била избегната.

 

„61-годишен српски државјанин е хоспитализиран во болницата АХЕПА со повреди од триење. По оштетувањето на прозорецот, неговото тело било извлечено кон надвор, а сопругата пет минути го држела за нозете за да не биде извлечен од авионот. Со помош на останатите патници успеале повторно да го внесат во кабината. Тој е во состојба на шок, свесен е и има повреди од триење“, изјави Јанакос.

 

Надлежните служби започнале истрага за да ги утврдат причините за инцидентот.