ТРАГЕДИЈА ВО ИТАЛИЈА: Го жртвуваше својот живот за да ги спаси своите деца – 54-годишен татко почина веднаш по херојскиот чин
Голема трагедија се случи на плажа во италијанскиот град Отранто, каде 54-годишен татко го загуби животот откако успеа да ги спаси своите две осумгодишни деца од силните морски струи.
Според италијанските медиуми, несреќата се случила во саботата околу 11:30 часот. Иако морето било немирно, а дувал силен ветер, голем број капачи биле во водата. Меѓу нив биле и осумгодишните близнаци, кои за кратко време биле повлечени од силните струи и оддалечени од брегот.
Кога ги слушнал повиците за помош, нивниот татко, 54-годишниот Џенаро Кањацо од областа Лече, без двоумење влегол во морето. По голема и исцрпувачка борба со брановите, успеал да стигне до своите деца и безбедно да ги врати на брегот.
Но, само неколку моменти по спасувањето, херојот ненадејно се почувствувал лошо, се срушил на песокот и ја изгубил свеста.
Присутните капачи веднаш започнале со реанимација, а набргу пристигнале и екипи на итната медицинска помош. И покрај сите напори на лекарите, животот на 54-годишниот маж не можел да биде спасен.
Според првичните информации, се претпоставува дека тој доживеал фатален здравствен проблем, најверојатно срцев удар, предизвикан од огромниот физички напор при спасувањето на децата.
Трагедијата длабоко ја потресе локалната заедница и бројните сведоци на настанот. Благодарение на неговата несебична жртва, двете деца биле спасени и останале неповредени, но тие засекогаш ќе живеат без својот татко, кој го даде највредното што го имаше за да им го спаси животот.