Мицкоски гази – еве кој е убедлив кај партиите од албанскиот блок

Нова анкета: ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски со убедлива предност, граѓаните најмногу загрижени за стандардот

Најновото истражување на јавното мислење, спроведено од агенцијата „Маркет Вижн“ по нарачка на MKD.mk, покажува дека по две години од формирањето на Владата, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и понатаму имаат највисока доверба кај граѓаните.

Според резултатите од анкетата, доколку изборите се одржат сега, 20,5 проценти од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека 6,2 проценти ја поддржуваат СДСМ. Следуваат ДУИ со 5 проценти, коалицијата ВЛЕН со 4,4 проценти, Левица со 2,9 проценти и ЗНАМ со 1,5 проценти.

Анализата на определените гласачи покажува дека предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ останува речиси непроменета. Во албанскиот политички блок, ВЛЕН постепено ја намалува разликата во однос на ДУИ.

И кај довербата во лидерите, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, останува убедливо најподдржан политичар. Според анкетата, лидерите на ВЛЕН – Изет Меџити и Билал Касами – заеднички уживаат поголема доверба од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој сепак како поединец има мала предност во однос на Меџити и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Истражувањето покажува дека економските прашања и натаму се најголема грижа за граѓаните. Најчесто посочувани проблеми се ниските плати и пензии, невработеноста и растот на цените, додека веднаш зад нив се криминалот и корупцијата.

Анкетата открива и дека недовербата во правосудниот систем останува висока, иако биле поставени прашања и за работата на новиот јавен обвинител и Јавното обвинителство.

Во однос на евроинтеграциите, дури 80,3 проценти од анкетираните изјавиле дека би поддржале членство на Македонија во Европската Унија и според моделот што предвидува членство без право на вето.

Истражувањето е спроведено во периодот од 10 до 27 јуни на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници, преку телефонски интервјуа (CATI), со доверливост од 95 проценти и статистичка маргина на грешка од ±3 проценти.