Ќе се зголеми ли старосната граница за пензионирање? Владата ќе ја чека анализата на ММФ и Светска банка
Прашањето за евентуално зголемување на старосната граница за пензионирање повторно е актуелно, но засега нема донесена одлука. Владата ќе ја почека анализата и препораките од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, по што ќе одлучува дали се потребни измени во пензискиот систем.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека меѓународните институции ќе изготват детална анализа за состојбата во пензискиот фонд, но нагласи дека нивните препораки нема автоматски да бидат прифатени.
„Се согласивме да се направи анализа. ММФ и Светска банка ќе дадат препораки, но Владата ќе одлучи дали тие ќе бидат прифатени“, рече министерката.
Според неа, очекувано е експертите да предложат зголемување на старосната граница за пензионирање, имајќи ги предвид демографските трендови и стареењето на населението. Сепак, таа истакна дека лично не ја поддржува таквата мерка.
Наместо задолжително продолжување на работниот век, Димитриеска-Кочоска смета дека треба да постои право на избор. Според неа, лицата кои работат во тешки услови треба да можат да се пензионираат според сегашните законски правила, додека оние кои сакаат и можат да продолжат со работа, да имаат можност тоа да го прават и по исполнување на условите за пензија.
Темата повторно се отвори откако државните ревизори предупредија дека финансиската состојба во Пензискиот фонд се влошува. Во извештајот беше наведено дека Фондот има обврски кон здравственото осигурување на пензионерите, како и доцнења во префрлањето на средствата кон Вториот пензиски столб.
Министерката уверува дека за оваа година се обезбедени повеќе од 300 милиони евра за редовно префрлање на средствата од првиот во вториот пензиски столб.
Осврнувајќи се и на јавните финансии, таа најави дека до крајот на годината државата ќе се задолжува и на странските финансиски пазари, при што висината на новото задолжување ќе биде дополнително утврдена. Според неа, јавниот долг во првиот квартал изнесувал 58,9 проценти од БДП, а Владата останува на ставот дека новите задолжувања ќе бидат насочени кон инвестиции, а не кон тековна потрошувачка.