Функционери на ВЛЕН тврдат дека околу еден час биле задржани на граница со Албанија
Неколку функционери на коалицијата ВЛЕН тврдат дека денеска биле задржани околу еден час на граничниот премин Ќафасан при обид да влезат во Албанија.
Според нивните изјави, станува збор за пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи, како и Хасим Муртезани, заменик-генерален секретар во Владата на Северна Македонија. Тие наведуваат дека патувале со дипломатски пасоши, но биле задржани без веднаш да им биде соопштена причината.
По извршените проверки, како што тврдат, им било кажано дека тројца од нив можат да го продолжат патувањето, додека на четвртото лице кое било со нив не му бил дозволен влез во Албанија поради евидентирана забрана за влез.
Функционерите велат дека, во знак на револт, решиле да се вратат, по што, според нивните тврдења, им било соопштено дека и за нив е воведена забрана за влез во Албанија.
Досега нема официјално соопштение од албанските институции за случајот, па причините и околностите околу наводната забрана засега не се официјално потврдени.