Лоша вест за нашите што сакаат да работат во Германија. Дупло помалце визи…

Германија ги стега правилата: Помалку работни визи за граѓаните од Западен Балкан

Германија подготвува значајни измени во политиката за вработување на работници од Западен Балкан, кои би можеле директно да ги погодат и македонските граѓани што планираат да заминат на работа во оваа земја.

Според најавите, новата германска владина коалиција разгледува можност годишната квота за работни визи преку таканаречената „Западнобалканска регулатива“ да се намали од сегашните 50.000 на 25.000 лица.

Оваа регулатива со години претставува една од најлесните можности за легално вработување во Германија за државјаните на Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. За добивање работна виза е потребна понуда од германски работодавач и одобрение од германската Агенција за вработување.

Германските власти како причина за можните измени ги наведуваат зголемената невработеност и потребата од построга контрола на работната миграција. Од друга страна, дел од германските работодавачи предупредуваат дека земјата и натаму се соочува со сериозен недостиг од работници, особено во градежништвото, угостителството, негата и услужните дејности.

Доколку предложените измени бидат усвоени, заинтересираните кандидати од Македонија ќе се соочат со значително поголема конкуренција за работни визи, подолги рокови за чекање и помал број достапни термини во германските дипломатско-конзуларни претставништва.

Во моментов, промените сè уште не се во сила. За нивно спроведување се потребни законски измени, а германската влада засега нема соопштено кога би можеле да бидат донесени. До тогаш продолжува да важи постојната квота од 50.000 одобренија годишно.