Бран отпуштања во индустријата – се затвораат фабрики, работниците остануваат на улица

Се намалува бројот на работници во индустријата. Според статистичките податоци, најголем пад е забележан во рударството и текстилната индустрија, каде за една година бројот на вработени е намален за 3,4 отсто. Причините за ваквата состојба се повеќекратни – намалени нарачки од странство, неизвесноста поради војната на Блискиот Исток, како и финансиски проблеми со кои се соочуваат дел од компаниите.

-Во текстилната индустрија состојбата е навистина многу тешка и загрижувачка. Компаниите се соочуваат со повеќекратни притисоци – растот на платите значително ги зголеми трошоците за производство, а истовремено се губи конкурентската способност на домашните производители на странските пазари. Дополнителен удар е падот на побарувачката од западноевропските земји, кои традиционално се главни партнери на македонските текстилни компании, како и последиците од кризата во Иран, што дополнително ги наруши синџирите на снабдување и извозните текови. Поради тоа, речиси сите компании во секторот веќе бележат намалување на бројот на вработени, а дел од нив, за жал, беа принудени целосно да ги затворат своите производствени капацитети. Ако ваквиот тренд продолжи, постои реална опасност од уште поголеми отпуштања и затворање на нови фабрики, изјави за „Локално“, Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Според него, ситуацијата ќе станува уште полоша ако не се смири кризата во Иран и војната во Украина.

-На долг рок, текстилната индустрија сè повеќе ја губи својата конкурентска позиција во споредба со земјите од Далечниот Исток, каде трошоците за работна сила се значително пониски од оние кај нас. Тоа ги става домашните компании во нерамноправна пазарна битка, особено во услови кога странските нарачатели сè почесто се ориентираат кон поевтини производствени дестинации. Ако не се преземат мерки за технолошка модернизација, зголемување на продуктивноста и поддршка на извозно ориентираните компании, овој тренд неминовно ќе доведе до дополнително намалување на бројот на работници во текстилниот сектор, а дел од компаниите ќе се соочат и со ризик од целосно затворање, додава Димитров.

И од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство велат дека во некои сектори бројот на работници се намалува, а некои сектори  неможат да најдат работници.

-Имаме тренд на намалување на бројот на вработени во повеќе индустриски сектори, не само во рударството, туку и во металопреработувачката, производствената и дел од енергетската индустрија. Во рудникот „САСА“ веќе се реализираше намалување на работната сила како дел од финансиската стабилизација на компанијата – првично околу 30 вработени ги прифатија условите за спогодбено заминување, а дополнително беа отпуштени околу 100 работници. Но, ова не е изолиран случај. Во ФАКОМ, поради финансиски проблеми и намален обем на работа, бројот на вработени е намален за околу 350 лица. Слични сигнали добиваме и од други компании, каде работодавците, соочени со пад на нарачки, зголемени трошоци и неизвесни пазари, се принудени да кратат работни места. Ова е алармантен показател дека индустријата се соочува со сериозни предизвици и дека се неопходни итни мерки за поддршка на компаниите и зачувување на работните места, изјави за „Локално“, Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство.

Статистика покажа продолжување на негативните трендови на пазарот на труд во индустрискиот сектор. Најизразен пад е регистриран во секторот Рударство и вадење камен, каде бројот на работници е намален за 6,3 отсто, што го прави овој сектор најпогоден од намалувањето на индустриската активност. Во Преработувачката индустрија падот изнесува 3,4 отсто, додека во Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е забележано минимално намалување од 0,4 отсто.