Ако планирате летување во Италија, подгответе го паричникот. На дел од најлуксузните италијански плажи, еднодневен престој за четиричлено семејство може да достигне неверојатни 1.500 евра.
Цените ова лето се повисоки за околу шест проценти во споредба со лани, а најскапи остануваат познатите туристички бисери како Соренто, Капри, Амалфи и Позитано.
На одредени плажи, изнајмувањето чадор и лежалки може да чини и до 350 евра, додека дополнителните трошоци за паркинг, превоз, храна и пијалаци ја зголемуваат сметката до астрономски износи.
Само за сендвич, сладолед, кафе и освежителни пијалаци туристите плаќаат значително повеќе отколку минатото лето, а растот на цените се чувствува речиси на секој чекор.
Најпогодени се семејствата, кои за еден единствен ден на плажа во најексклузивните летувалишта можат да потрошат сума со која на друго место би финансирале цел викенд одмор.
И покрај високите цени, италијанските плажи и понатаму остануваат меѓу најпосетуваните во Европа, но сè повеќе туристи признаваат дека ваквиот луксуз станува недостижен за просечниот буџет.