ПОТРЕСНО СВЕДОШТВО: „Почнаа да пукаат шишиња, снема светлина, додека дојдов до вратата, диското изгоре“

Дел од адвокатите го нападнаа сведокот Ана Захариева со несоодветни прашања и заклучоци од типот „да не сте градежен инспектор да кажувате што горело“, на што преживеаната девојка одговори дека се гледало оти гори стиропор и сунѓер. Друг адвокат ја праша дали за време на пандемијата излегувала во „Пулс“. Трет, пак, дали знае кога точно биле родени, со ден и месец, малолетниците што присуствувале кобната ноќ. „Се гледа на лик дека се помали од мене. Нормално дека не им го знам датумот на раѓање. А видете и колку малолетници има меѓу починатите”, им одговори таа

Сведоштво на девојка со видливи изгореници на раката од пожарот во „Пулс“

Со потресни сведоштва на преживеани, во судницата во „Идризово“ продолжи судењето за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а преку 220 беа повредени.

Младата Ана Захариева, која таа вечер била гостинка во објектот, пред судот ја опиша атмосферата пред и за време на трагедијата, посочувајќи дека дискотеката била преполна, а меѓу присутните имало и малолетници.

„Стигнав околу полноќ, купив билет, ставија печат и влегов. Имаше многу луѓе“, рече Захариева, додавајќи дека во „Пулс“ одела речиси секој викенд уште од 17-18 години. Таа сведочеше дека вториот излез бил затворен, а непосредно пред пожарот имало и полициска рација за малолетници, но забавата не била прекината. Моментот на избувнување на пожарот не го видела, но веднаш штом видела дека гори, се упатила кон излезот. „Шишињата почнаа да пукаат, снема светлина, секунди беа во прашање. Додека стигнав до вратата, веќе целиот плафон гореше“, изјави таа, нагласувајќи дека немало никој да ги насочува луѓето како да се евакуираат. Во паниката што следувала, настанало стампедо.

„Бев заглавена, врз мене имаше 3-4 луѓе. Се онесвестив. Кога се разбудив, барав помош. Еден полицаец не можеше да ме извлече, па дојде друг и ме спаси“, сведочеше Захариева, која ги носи изгорениците на левата рака. Била оперирана и поминала 42 дена лекувајќи се во болница. Девојката, која ќе бара оштета, рече дека користењето пиротехнички прскалки било вообичаена практика во дискотеката при настани и настапи.

На прашања од одбраната, Захариева потврди дека и како малолетна влегувала во дискотеката, „исто како што пуштаа и таа вечер“, а разликата помеѓу дискотека и кабаре, според неа, била само во работното време, не и во изгледот на објектот.

Понатаму, дел од адвокатите практично ја нападнаа со несоодветни прашања и заклучоци од типот „да не сте градежен инспектор да кажувате што горело“, на што сведокот одговори дека се гледало дека гори стиропор и сунѓер. Друг адвокат ја праша дали за време на пандемијата излегувала во „Пулс“. Трет, пак, дали знае кога точно биле родени, со ден и месец, малолетниците кои присуствувале кобната ноќ. „Се гледа на лик дека се помали од мене. Датум на раѓање, нормално, не им знам. А видете и колку малолетници има меѓу починатите”, им одговори преживеаната во пожарот од 16 март.

Во текот на рочиштето, одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко повторно побара замена на мерката притвор со куќен притвор, повикувајќи се на влошена здравствена состојба. Адвокатката Ивана Коцевска изјави дека притворот „не ја исполнува целта и претставува казна пред судење“, додека судијката Дијана Груевска-Илиевска посочи дека обвинетиот бил опериран со негова согласност и дека лекарите препорачале мирување од три дена. Јавното обвинителство најави дека дополнително ќе се произнесе по ова барање.

Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, а според досегашните наоди, бил предизвикан од пиротехнички средства кои го зафатиле запаливиот плафон. (П. А.)/vecer/press