ДРАМА ВО АВИОН НА „РАЈАНЕР“: Сопругата откри како го спасиле патникот откако пукнал прозорецот – „Половина од телото му беше надвор“
Вистинска драма се одвивала за време на лет на авиокомпанијата „Рајанер“, кога за време на летот од Солун дошло до пукање на прозорец, при што 61-годишен државјанин на Србија се здобил со повреди.
Неговата сопруга Светлана Грковиќ за грчките медиуми раскажа дека сè се случило за само неколку секунди. Според неа, поради ненадејната разлика во притисокот, половина од телото на нејзиниот сопруг било извлечено кон отворот, а таа, заедно со уште двајца патници, очајнички се борела да го задржи.
„Летавме околу половина час кога одеднаш се слушна силен звук. Прозорецот пукна, а мојот сопруг, кој седеше до него, беше повлечен нанадвор. Сè се случи за миг“, изјавила таа.
Во кабината веднаш настанала паника. Кислородните маски се активирале, предмети летале низ авионот, а патниците биле во шок и страв.
Светлана вели дека прво таа и една патничка го држеле сопругот за да не биде извлечен надвор, а потоа им се придружил уште еден патник од соседниот ред. Заеднички успеале да го задржат сè додека екипажот не ја презел контролата.
Според нејзиното сведоштво, нејзиниот сопруг трипати се онесвестил поради шокот и повредите, но сигурносниот појас одиграл клучна улога и му го спасил животот.
По инцидентот, авионот веднаш го променил курсот и безбедно слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун. Повредениот патник, како и лицата кои му помогнале, биле пренесени во болница.
Од Генералниот конзулат на Србија во Солун соопштиле дека 61-годишниот маж не е во животна опасност и се опоравува под лекарски надзор.
Грчките власти продолжуваат со истрагата за да ги утврдат точните причини за инцидентот и сите околности под кои дошло до оштетувањето на авионот.
“