ТРАГЕДИЈА НА ХАЛКИДИКИ: Синот на Весела Лечева почина пред очите на својата бремена сопруга – семејството очекувало второ дете
Голема трагедија ја потресе Бугарија, откако 36-годишниот Мартин Велев, единствениот син на претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева, трагично го загуби животот при несреќа со џет-ски во морето кај Халкидики.
Според бугарските медиуми, несреќата се случила во петокот попладне во близина на кампот Порто Елеа, а драмата се одвивала пред очите на неговата сопруга Ана-Марија, која е во осмиот месец од бременоста. Семејството за само неколку дена требало да го дочека раѓањето на своето второ дете.
Според првичните информации, Велев паднал од џет-скиот во морето. Веднаш била организирана спасувачка акција во која се вклучиле негови пријатели и нуркачи.
Неговото тело било пронајдено и извлечено од водата околу 20 минути подоцна, но и покрај брзата интервенција на медицинските екипи, лекарите не успеале да му го спасат животот.
Првичните сознанија укажуваат дека при падот најверојатно добил силен удар, по што ја изгубил свеста. Грчките власти сè уште ја утврдуваат точната причина за несреќата.
Веста предизвика шок меѓу бројните бугарски туристи кои престојувале во кампот Порто Елеа. Велев бил добро познат меѓу сопствениците на имоти и редовните посетители на комплексот.
„Сите сме во шок. Мартин беше насмеан, воспитан и секогаш подготвен да помогне. За само неколку дена требаше со сопругата да се вратат во Софија поради раѓањето на нивното второ дете. Неверојатна трагедија“, изјавиле очевидци цитирани од бугарските медиуми.
Судбината вторпат сурово го погодува ова семејство. Пред речиси 19 години неговиот татко, познатиот бизнисмен Манол Велев, беше тешко ранет при вооружен напад во центарот на Софија. По долг период поминат во будна кома, тој почина во март 2022 година.
По смртта на својот татко, Мартин Велев го презеде управувањето со семејниот бизнис заедно со својот вујко Даниел Лечев. Компаниите работеле во областа на градежништвото, туризмот, осигурувањето, брзите кредити и индустријата за игри на среќа.
Во ноември 2022 година Мартин и Ана-Марија станаа родители на ќерката Вајана, а деновиве со нетрпение го очекувале доаѓањето на нивното второ дете.
Трагедијата зад себе остави бремена сопруга, мало дете и уште едно бебе кое допрва треба да се роди, како и семејство кое по вторпат во изминатите две децении се соочува со ненадоместлива загуба.