Аларм во Србија: Изби африканска свинска чума, наредено уништување на 11.000 свињи
Српските власти официјално потврдија ново големо жариште на африканска свинска чума во регионот Војводина. Со цел да се спречи понатамошното ширење на опасниот вирус, наредено е итно уништување на околу 11.000 свињи.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија, Александар Мартиновиќ, за државната телевизија РТС изјави дека присуството на вирусот е потврдено по лабораториски анализи спроведени на голема фарма во селото Хртковци.
Според Министерството, од денеска започна спроведувањето на мерките за еутаназија и безбедно отстранување на речиси 11.000 свињи, согласно строгите ветеринарни протоколи и вонредните мерки за сузбивање на заразата.
Африканската свинска чума е високо заразна вирусна болест која ги погодува домашните и дивите свињи. Болеста не е опасна за луѓето, но може да предизвика огромни економски загуби во сточарството поради брзото ширење и високата смртност кај животните.
Надлежните институции внимателно ја следат состојбата и спроведуваат засилени контроли за да спречат ширење на вирусот во другите региони.