Поглаварот на Српската Православна Црква осуден во Љубљана. Еве зошто

Поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфирије, е условно осуден од Окружниот суд во Љубљана во судски процес поврзан со обвиненија за злоупотреба на работното место и мобинг врз поранешен свештеник.

 

Според пресудата, на Порфирије му е изречена условна казна затвор од четири месеци со пробен рок од една година, како и условна парична казна од 10.000 евра.

 

Случајот произлегува од долгогодишниот спор со поранешниот љубљански свештеник Жељко Лубарда, кој тврди дека бил изложен на притисоци откако пријавил сомнежи за финансиски злоупотреби во Црковната општина Љубљана.

 

Според неговите наводи, по одбивањето да ја повлече пријавата, бил преместен во парохија во Хрватска, суспендиран и подоцна лишен од свештеничкиот чин. Лубарда потоа покренал постапка пред словенечките судови.

 

Во граѓанската постапка било утврдено дека бил жртва на психолошко насилство, злоупотреба на работното место и дискриминација, а овие наоди подоцна послужиле како основа за кривичната постапка што заврши со осудителна пресуда.

 

Од Српската православна црква остро ја отфрлија пресудата, оценувајќи дека станува збор за неосновани обвиненија и политички мотивиран процес.

 

Во соопштението на СПЦ се наведува дека назначувањето и преместувањето на свештениците е исклучиво канонска надлежност на епископите, а истовремено се тврди дека патријархот Порфирије и неговите правни застапници не биле уредно известени за судската постапка.

 

Од Црквата најавуваат дека ќе ги искористат сите правни средства за оспорување на пресудата.