Падна осомничениот за убиството на офицерот на АРМ во Батинци – уапсен во Албанија (Детали)

Падна осомничениот за убиството на офицерот на АРМ во Батинци – уапсен во Албанија

 

Во голема меѓународна полициска акција во Драч, Албанија, уапсен е 26-годишниот Муса Џавит, осомничен за убиството на офицер на Армијата на Македонија во скопското село Батинци во 2025 година.

 

Според информациите, Џавит е едно од двете приведени лица поврзани со организираната криминална група „Беланоца“. Акцијата е реализирана во соработка меѓу македонската полиција, албанската полиција и Американската дипломатска безбедносна служба (ДСС).

 

Покрај убиството на офицерот на АРМ, Џавит се сомничи и за вооружениот напад врз возило „Форд“ во Батинци во 2024 година, во кое се превезувале двајца жители на селото Црн Врв. Во нападот едно лице беше убиено, а другото се здоби со тешки телесни повреди.

 

Според претходни информации, Џавит веќе бил осудуван на две и пол години затвор поради недозволено поседување оружје.

 

Во истата акција е уапсен и 34-годишниот Сенафи Нуредини, роден во Норвешка, кој исто така се поврзува со криминалната група „Беланоца“.

 

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека двајцата биле барани со меѓународни потерници на Интерпол за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои убиство, обид за убиство, тешка телесна повреда, недозволено производство и трговија со оружје, како и злосторничко здружување.

 

При апсењето кај нив биле пронајдени фалсификувани лични документи, за кои постои сомнение дека ги користеле за да ја напуштат Македонија и да ја избегнат правдата.

 

Според МВР, акцијата е резултат на повеќемесечна координација меѓу македонските безбедносни служби, Американската ДСС и надлежните институции во Албанија.