ТРАГЕДИЈА: 7-годишно девојче почина на стоматолошки стол за време на интервенција во Турција
Голема трагедија ја потресе Турција, откако седумгодишното девојче Ела почина за време на стоматолошка интервенција во приватната болница „Давраз-Јашам“ во градот Испарта.
Според турските медиуми, девојчето било примено во клиниката на 3 јули, каде лекарите планирале во една интервенција да лекуваат осум заби. За да се избегнат повеќекратни посети и дополнителен стрес, било одлучено зафатот да се изврши под општа анестезија.
За време на интервенцијата, сепак, дошло до сериозни компликации. Според првичните информации, девојчето доживеало срцев застој додека било под анестезија.
И покрај повеќечасовните обиди на медицинскиот тим да ја реанимира, лекарите не успеале да ѝ го спасат животот.
По трагичниот настан, Обвинителството отвори истрага за да утврди дали пред анестезијата биле извршени сите неопходни медицински прегледи и анализи.
Адвокатот на семејството изрази сомнеж дека можеби не биле направени тестови за алергии и потребните крвни анализи. Родителите, Серап и Али, бараат одговори колкава доза анестезија му била дадена на нивното дете и дали за време на целата интервенција бил присутен анестезиолог, како што налагаат медицинските протоколи.
Точната причина за смртта ќе биде утврдена по извршената обдукција.
Од приватната клиника соопштија дека сите медицински протоколи биле почитувани и дека срцевиот застој претставувал непредвидлива компликација.