ТАЖНА ВЕСТ: Објавени првите резултати од обдукцијата за смртта на 24-годишната Македонка во Солун
Продолжува истрагата за смртта на 24-годишната македонска државјанка, која пред неколку дена беше пронајдена без знаци на живот во стан во Солун.
Според првичните резултати од обдукцијата, засега нема индиции дека станува збор за насилна смрт или кривично дело. Грчките медиуми пренесуваат дека лекарските наоди укажуваат на тоа дека девојката починала од патолошки причини, односно како последица на природен процес или здравствена состојба.
Иако првичните резултати не упатуваат на насилство, истрагата сè уште не е завршена. Надлежните институции ги очекуваат резултатите од токсиколошките анализи, кои треба да ја утврдат точната причина за смртта и да ги разјаснат сите околности поврзани со случајот.
Девојката, која според неофицијални информации била од Прилеп, претходно била пријавена за исчезната откако нејзиното семејство подолг период не можело да стапи во контакт со неа. По потрагата, таа била пронајдена почината во стан во солунската населба Сикиес.
Надлежните служби продолжуваат со истрагата, а конечниот одговор за причините за нејзината смрт се очекува по завршувањето на сите лабораториски анализи.