Нови информации ја менуваат првичната слика за трагедијата што се случи во реката Струма, во близина на селото Пастух кај Ќустендил, каде животот го загубија баба, дедо и нивните два внука на возраст од 8 и 11 години.
Според најновите информации што ги објавуваат бугарските медиуми, трагедијата не се одвивала онака како што првично беше соопштено. Исказот на шестгодишното дете, кое единствено преживеало, укажува дека најпрво во опасност се нашле двете деца кои пливале во реката, а потоа нивните баба и дедо влегле во водата во обид да ги спасат.
Регионалниот гувернер на Ќустендил, Атанас Гергинов, изјави дека спасувачките екипи работеле на терен до еден часот по полноќ во потрага по второто дете, а акцијата продолжила и утринава со очекувано приклучување на нуркачки тим од Софија.
Директорот на полицијата во Ќустендил, Рајчо Омерски, потврди дека семејството било на пикник покрај реката кога дошло до несреќата.
„Децата пливале во реката, но силната струја ги повлекла. Возрасните веднаш влегле во водата за да ги спасат, но за жал и тие биле однесени од реката“, изјави Омерски.
Посебно потресна е приказната за шестгодишното дете кое успеало да се спаси. Наместо да влезе во водата, тоа истрчало до патот за да побара помош и токму неговото сведочење помогнало да се реконструираат последните моменти пред трагедијата.
Детето не е физички повредено, но се наоѓа во тешка психолошка состојба поради трагедијата на која сведочело.
Надлежните продолжуваат со истрагата за околностите под кои се случила несреќата, додека спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата во реката Струма.