Французин криел Тајланѓанка во куфер за нелегално да ја пренесе преку граница – уапсен на граница
Граничната полиција на граничниот премин Муриќан уапси 26-годишен француски државјанин, кој е осомничен дека се обидел нелегално да изнесе државјанка на Тајланд од Албанија.
Според информациите од полицијата, приведен е Том Хаак (26), француски државјанин.
При контрола на неговото возило на граничниот премин Муриќан, полициските службеници на задното седиште пронашле куфер, во кој била скриена тајландска државјанка. Се сомнева дека таа требало нелегално да биде изнесена од територијата на Република Албанија.
Првичната истрага покажала дека целта на францускиот државјанин била да ја транспортира Тајланѓанката преку територијата на Црна Гора, а потоа и преку Хрватска, со крајна дестинација Франција, избегнувајќи ги законските процедури за преминување на границите и влез во земјите низ кои требало да помине.
По откривањето на случајот, полицијата ги привела и францускиот државјанин и тајландската државјанка, додека истрагата продолжува со цел целосно да се расветлат сите околности поврзани со случајот.