Силен дожд го зафати Скопје: Улиците се претворија во реки
Силно невреме проследено со обилен дожд попладнево го зафати Скопје, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и отежнато движење на граѓаните.
Дождот започна околу 14:30 часот, а за кратко време големи количини вода се собраа на повеќе градски улици, кои буквално се претворија во реки. Возачите се движат внимателно поради намалената видливост и насобраната вода на коловозите, додека пешаците се соочуваат со потешкотии при движењето.
На социјалните мрежи веќе се споделуваат фотографии и видеа од поплавените улици во различни делови на главниот град.
Надлежните служби апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат непотребни патувања доколку временските услови се влошат и да ја прилагодат брзината на движење на патиштата.
Засега нема информации за поголеми материјални штети или повредени лица, а се очекува дождот да продолжи и во текот на попладневните часови.