ТЕШКО/ Влегол да плива и повеќе не испливал – исчезна во езеро сопругот на министерката во Италија
Мирно летно попладне се претворило во драма на езерото Вико, едно од најживописните вулкански езера во регионот Тушија во Италија. Веќе неколку часа трае потрагата по Луиџи Кавалари, сопругот на италијанската министерка Еугенија Рочела.
Според првичните информации, 84-годишниот Кавалари бил на чамец заедно со својата сопруга, кога скокнал во водата за да плива. Меѓутоа, по кратко време исчезнал и повеќе не се појавил на површината. Токму министерката ги алармирала надлежните служби и пријавила дека нејзиниот сопруг исчезнал.
Веднаш била започната обемна спасувачка и пребарувачка акција. На местото интервенирале нуркачи од противпожарната служба, а во текот на ноќта потрагата продолжила со специјализирана опрема, вклучувајќи и подводен робот со далечинско управување. Во акцијата се вклучени нуркачки тимови од Рим, Неапол и Фиренца, опремени за пребарување во води со многу слаба видливост.
Надлежните сè уште не ги утврдиле причините за неговото исчезнување. Потрагата е особено тешка бидејќи езерото Вико достигнува длабочина од околу 50 метри, а дното има сложена конфигурација што дополнително ја отежнува операцијата.
Луиџи Кавалари е познат и по својата академска кариера. Тој е професор на Универзитетот „Габриеле д’Анунцио“ во Кјети-Пескара и истражувач во областа на архитектонската технологија. Со министерката Еугенија Рочела се во брак со децении и имаат две деца.