Поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ, заедно со уште 10 негови соработници, е уапсен синоќа под сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за перење пари поврзано со спомениците во Скопје, дел од проектот „Скопје 2014“, вреден околу 700 милиони евра.
По ноќта помината во полициска станица, се очекува денеска да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Одделот за организиран криминал и корупција при Кривичниот суд во Скопје.
Бидејќи со кривичните дела е нанесена штета на Буџетот на државата, случајот е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а истрагата ја води обвинителот Љубомир Лапе.
Истрагата потекнува уште од времето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а според претходни информации, клучните докази биле обезбедени во Италија, каде што биле изработувани дел од спомениците. Тие потоа биле поставувани во Скопје во краток временски период, преку тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Владата на Никола Груевски и Општина Центар.
За овие кривични дела, со кои е оштетен Буџетот, застареноста настапува по подолг временски период.
