Контроверзниот Раде Трајковски Штекли кој преживеа неколку напади е осуден на осум години затвор за организирање и продажба на кокаин и марихуана. Другите четворица обвинети од групата кои не признаа вина се осудени на пет години, освен еден кој е осуден на помала затворска казна.
Стефан Китанов е осуден на пет години затвор, Александар Вучевски е осуден на пет години затвор, Филип Таневски на пет години, а Стојан Миланов на три години и 10 месеци.

Според пресудата, организатори на групата која растурала дрога низ Скопје биле Штекли, на кого му се предавале парите и поранешниот репрезентативец Данчо Масев кој се спогоди со судот, а другите ја пакувале и продавале дрогата за што добивале дел од парите.
Во текот на судењето одбраната на Штекли тврдеше дека има психички проблеми, дека халуцинира и има шизофренија, но судењето сепак течеше.
Групата оперирала во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година, со јасна структура и дефинирани улоги. Како организатор и координатор, кој ги вршел контактите со странски и домашни посредници за набавка на наркотици и давал насоки за ширење на мрежата, се посочува првообвинетиот Раде Трајковски-Штекли.
Дрогата била складирана во изнајмени станови, а продажбата се вршела по цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата меѓу членовите на групата се одвивала преку апликации за заштитена комуникација, како што е „Снепчет“, а клучните докази биле обезбедени преку анализа на мобилните телефони.