Еден градежен работник загина, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода, информираат за „Слободен печат“ од Министерството за внатрешни работи.
– Денеска (24.04.2026) во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на ул.„Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја има затрупани работници. Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот – соопштија од МВР.
Претходно од МВР информираа дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје било пријавено дека на градилиште на улица „Козјак“ во Скопје, при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници.
Од Ургентниот центар за МИА информираат дека двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, а еден е со скршеници на двете потколеници и една натколеница.

„Во врска со несреќата на градилиште во Кисела Вода, информираме дека во Ургентниот центар се транспортирани тројца повредени градежни работници. Двајца од работниците се со полесни телесни повреди и контузии, во тек се дијагностички процедури. Кај едниот од нив веднаш е санирана повреда на лактот, а третиот пациент е со скршеници на двете потколеници и една натколеница. Се следи здравствената состојба на повредените лица и продолжува нивниот медицински третман“, се вели во соопштението од Ургентниот центар.