Мајка и нејзините шест деца, на возраст од три до 11 години, загинаа во експлозија и пожар во куќа во централна Пенсилванија.
Пожарникарите реагирале по пријава за експлозија и пожар во куќа во Ламар Тауншип, округот Клинтон, во близина на Мил Хол, во неделата наутро. Тие потврдиле дека седум лица биле заробени, но не успеале да влезат и да го контролираат објектот кој веќе бил целосно зафатен од пламените јазици.
Жртвите се 34-годишната Сара Столцфус, нејзините четири сина на возраст од 11, 10, пет и три години, како и двете ќерки на возраст од осум и шест години.
Причината за несреќата се уште се истражува. Се сомнева дека истекување на пропан во куќата можело да ја предизвика експлозијата и пожарот. Сосетката Кристина Дак изјавила дека појадувала кога се случил настанот.
„Слушнав силен тресок и го почувствував. Станав, погледнав низ прозорецот и ги видов пламените јазици. Излетав надвор и за една минута целата куќа беше целосно зафатена од пожар“, изјавила таа.
Семејството се вселило во куќата пред неколку месеци. Сосетката додала дека често ги гледала децата како си играат надвор.