НОВ УДАР ПО ЏЕБОТ: И цените на кондомите одат нагоре!

Глобалните цени на кондоми би можеле да пораснат за 20 до 30 проценти, а потенцијално и повеќе, поради прекини во снабдувањето предизвикани од војната на Блискиот Исток, предупреди денес најголемиот светски производител на кондоми, „Карекс“ од Малезија.

Компанијата, која произведува повеќе од пет милијарди кондоми годишно и снабдува познати брендови како што се „Дурекс“ и „Тројан“, како и здравствени системи како што е британската НХС, се соочува со зголемени трошоци за суровини и логистика, објавува „Гардијан“.

Извршниот директор на „Карекс“, Го Миа Киут, изјави дека компанијата немала друг избор освен да ги префрли трошоците на клиентите, бидејќи цените на клучните суровини како што се синтетичка гума, нитрил, алуминиумска амбалажа и силиконски масла значително се зголемиле откако започна конфликтот кон крајот на февруари.

Исто така, побарувачката за кондоми се зголеми за околу 30 проценти оваа година, делумно поради прекини во транспортот и повисоки трошоци за превоз, што доведе до намалени залихи кај клиентите низ целиот свет.

Испораките до Европа и САД сега се значително одложени поради конфликтот, потребни се речиси два месеци за да стигнат до нивните дестинации, што дополнително го продлабочува недостигот на пазарот.

„Карекс“ вели дека во моментов има доволно залихи за наредните месеци, но планира да го зголеми производството за да ја задоволи растечката побарувачка во услови на сè понестабилни глобални синџири на снабдување.