Колку имот има Груевски и колку заработува во Унгарија?

Компанијата на поранешниот премиер на Македонија, Никола Груевски, и покрај санкциите од САД, остварува десетици илјади евра годишно од консултантски услуги, покажуваат податоците од унгарскиот регистар на компании, објави Kolegium.mk.

Дека компанијата работи стабилно со редовни приходи, покажува и последниот извештај за завршната сметка за 2024 година. Податоците за 2025 година се очекува да бидат објавени во мај.

„Пријателот на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан од Македонија, Груевски, осуденик кој избега во Унгарија во 2018 година и доби азил, во летото 2021 година ја основа својата мала компанија во унгарски град во регионот Пешта, Печ“, пишува унгарскиот истражувачки портал 444.hu.

Станува збор за компанијата „ICIC Kft.“, чија основна дејност се консултантски услуги, а на својата сметка акумулира милиони унгарски форинти. Во базата „Open sanctions“ се наведуваат и варијации на името на компанијата, како „ICIC LTD“, која освен консалтинг, имала активности и во трговија на големо со порцелан, стакло, средства за чистење и организација на настани.

„Можно е да има фиксен клиент, бидејќи приходите се редовни, а активноста не бара големи трошоци, па може да остварува значителен профит“, наведува унгарскиот медиум.

Во 2024 година, Груевски остварил приход од над 4 милиони форинти (околу 11.000 евра), за разлика од претходната година кога заработил околу 9.700 евра. Според пријавените податоци, трошоците изнесувале околу 3.400 евра, што значи дека му останале приближно 7.000 евра добивка. Од нив, околу 5.000 евра си исплатил како дивиденда. Во текот на три години, вкупната сума достигнала околу 16,7 милиони форинти или приближно 45.000 евра.

Извештајот покажува дека, иако редовно повлекувал дел од добивката, на крајот од минатата година на сметката на компанијата имало околу 8 милиони форинти.

„Но, неочекувано е што осудениот премиер не само што дава консултации, туку очигледно земал и кредит. Во билансот е евидентиран долг од 2,52 милиони форинти (околу 6.000 евра)“, се наведува во анализата.

Неговите консултантски услуги во Будимпешта ги користел и актуелниот министер за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој, според медиумите, разговарал со него за прашања поврзани со Западен Балкан.

„Ако сакаме најавтентични информации за тоа што се случува на Балканот, со кого би разговарале ако не со човек кој бил премиер 10 години? Да, редовно разговараме“, изјавил Сијарто во унгарскиот парламент.

Груевски се најде на „црната листа“ на САД во април 2022 година поради пресуди и обвиненија за корупција, злоупотреба на службена положба и перење пари, поврзани со неговото владеење од 2006 до 2016 година. Во соопштението на американското Министерство за финансии се наведува дека тој избегнувал издржување на затворската казна и дека неговата компанија е исто така санкционирана.

Во меѓувреме, македонската држава продаде дел од неговиот конфискуван имот, вклучително и станови поврзани со случајот „Парцели на Водно“, за кој беше осуден на 9 години затвор.

Последното барање за негова екстрадиција било испратено во 2019 година, но унгарските власти го одбиле, повикувајќи се на неговиот азилантски статус.

По неодамнешни изјави од унгарски политичари, македонското Министерство за правда најави дека побарало дополнителни информации за случајот. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, доколку Груевски се врати во земјата, ќе заврши во затвор, но дека за екстрадиција прво треба да му биде одземен азилот.

Груевски избега во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“. Во моментов против него има две правосилни пресуди, додека други случаи, како „Титаник“ и „Талир 2“, сè уште се водат во негово отсуство.