Македонската пејачка Каролина Гочева денеска го прославува својот 46. роденден.
По тој повод таа објави фотографија на својот инстаграм-профил, на која позира со чаша вино во раката, а насмевката не ја трга од лицето.
Гочева доби бројни роденденски честитки од најблиските пријатели и соработници, па таа покрај фотографијата им се заблагодари за убавите желби.

– Вистинско чувство, 26. Ви благодарам на сите за убавите желби – напиша пејачката.
Пејачката секогаш изгледа беспрекорно и младешки, па не е чудно што и самата признава дека не ги чувствува годините кои ги наполни.
Инаку, музички пат на Гочева започнува уште во раната младост, а пошироката јавност ја запозна во 1990-тите години, настапувајќи на фестивали како Макфест…
Вистинскиот подем започнува во 2000 година, кога станува дел од „Авалон“ продукција и го издава албумот „Јас имам песна“. Со хитовите како „Сакај ме“, „Без оглед на сè“ и легендарниот дует „Немир“ со Тоше Проески, Каролина се позиционира како водечко име на македонската поп-сцена.
Во текот на својата кариера, Гочева издава девет студиски албуми и постојано еволуира – од поп и Ар-ен-би звук до уникатен спој со традиционална македонска музика, џез и етно елементи. Проектите „Македонско девојче“ и „Македонско девојче 2“ станаа вистински културен феномен, носејќи ѝ огромна популарност и распродадени концерти низ регионот.
Каролина двапати ја претстави Македонија на Евровизија, во 2002 година во Талин со „Од нас зависи“ и во 2007 година во Хелсинки со „Мојот свет“, оставајќи силен впечаток и на меѓународната сцена.
Нејзиниот најнов албум „Песни за љубов и копнеж“, реализиран во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски, е уште еден доказ за нејзината уметничка зрелост. Во меѓувреме, таа веќе најави и нов проект, со синглот „Дај на сунце“, со кој повторно се враќа кон современ звук.