СКАНДАЛ ВО СКОПЈЕ: Десетици студенти запишани незаконски на магистерски и докторски – ДПИ ги поништи уписите!
Голем скандал ја потресе академската јавност во Скопје, откако Државниот просветен инспекторат (ДПИ) откри сериозни неправилности на Филозофскиот факултет при УКИМ.
Според информациите, десетина студенти биле запишани на магистерски, па дури и на докторски студии без претходно да имаат завршено додипломски студии – што е спротивно на Законот за високото образование.
По вонредниот инспекциски надзор, ДПИ донел одлука за поништување на сите вакви уписи, со што на студентите им се прекинати студиите.
Целиот случај отвора сериозни прашања, особено затоа што станува збор за значителни финансиски суми – магистерските студии чинат од 2.000 до 3.000 евра, додека докторските достигнуваат и до 6.000 евра.
Студентите, кои сега остануваат и без студии и без дипломи, бараат враќање на вложените средства, но засега нема официјален одговор од деканатот. Дел од нив веќе ангажирале адвокати и најавуваат правна битка.
Од Министерството за образование потврдија дека инспекторатот утврдил неправилности и наложил поништување на уписите. Во однос на враќањето на парите и евентуалната отштета, велат дека тоа не е во нивна надлежност, туку треба да се решава преку судски постапки.
Случајот предизвика паника и во управата на факултетот, особено имајќи предвид дека актуелниот декан Оливер Бакрески бил дел од раководството и во периодот кога се вршеле спорните уписи.
Останува отворено прашањето – кој ќе ја сноси одговорноста и дали студентите ќе ги добијат назад своите пари.