Војната во Иран ги поскапува и презервативите

КОНДОМИТЕ ПОСКАПУВААТ: Војната во Иран создава ризик од глобален недостиг

 

Глобалниот пазар се соочува со нов бран поскапувања – овојпат станува збор за кондомите. Малезиската компанија „Karex Bhd“, најголемиот производител во светот, најави зголемување на цените од 20 до 30 проценти, а можно е тие да растат и повеќе доколку продолжат проблемите во синџирите на снабдување поради војната во Иран.

 

Извршниот директор на компанијата, Гох Миа Киат, изјави дека побарувачката за кондоми е значително зголемена, додека транспортните трошоци и доцнењата во испораките создаваат сериозен притисок врз пазарот. Според него, залихите кај многу клиенти веќе се на критично ниско ниво.

 

„Ситуацијата е многу кревка, а трошоците постојано растат. Немаме друг избор освен дел од товарот да го префрлиме врз клиентите“, изјави Гох.

 

Karex произведува околу 5 милијарди кондоми годишно и снабдува глобални брендови како Durex и Trojan. Покрај тоа, компанијата е важен партнер на државни здравствени системи, вклучително и британскиот NHS, како и на програми поддржани од Обединетите нации.

 

Воените случувања во Иран сериозно ги нарушија енергетските и петрохемиските текови од Блискиот Исток, што директно влијае врз достапноста на суровините. Karex бележи раст на трошоците за синтетичка гума, нитрил, пакувачки материјали, мазива и други компоненти неопходни за производство.

 

Иако компанијата располага со доволни резерви за неколку месеци, таа веќе работи на зголемување на производството поради растечката побарувачка, која годинава е повисока за околу 30 проценти.

 

Дополнителен проблем претставува и забавениот поморски транспорт – испораките што порано пристигнуваа за еден месец, сега траат речиси двојно подолго. Според Гох, голем број пратки се заглавени на бродови, додека потребата на пазарот расте.

 

Најпогодени од ситуацијата се земјите во развој, кои потешко и побавно ги обновуваат своите залихи, што отвора ризик од сериозен глобален недостиг во блиска иднина.