Поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, Татјана Димитровска, му пратила порака на ревизорот Миле Столевски кога тој ѝ го положил испитот за да добие сертификат со највисок степен на доверливост „државна тајна“, покажуваат пораките што во суд ги презентираше Обвинителството. Димитровска е обвинета за компјутерски фалсификат и одавање службена тајна. Според презентираните пораки, таа му напишала на Столевски – „Ај честито и злато си, частам ручек“.
Тестот бил полаган со цел таа да добие сертификат од Дирекцијата за безбедност на класифицирани податоци кога станала дел од Државната комисија за спречување корупција.
Од презентираните пораки во суд, Димитровска му ги дала своите корисничко име и лозинка, за ревизорот Миле Столевски да полага во нејзино име. Тој, според пораките, ја известувал дека ќе седне да полага, на што Димитровска му возвратила „Ради ДКСК, ај со среќа“. Потоа таа го прашала „Како ти оди?“, на што Столевски одговорил „Само што завршив со курсот, сега ќе полагам“.
На крајот Димитровска добила ПДФ документ – електронски сертификат од ДБКИ на име Татјана Димитровска од ДКСК.
Татјана Димитровска во судница рече дека не се чувствува виновна.
Ја разбирам содржината на обвинението и не ги признавам делата. Не се чувствувам виновна и мислам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета – рече Димитровска.
Татјана Димитровска си даде оставка од функцијата претседател на Антикорупциската комисија откако Јавното обвинителство против неа поднесе обвинителен предлог за одавање службена тајна и за компјутерски фалсификат./slobodenpecat.mk