Од денеска на границите се воведува системот ЕЕС (Entry/Exit System), со што влезовите и излезовите на патниците во Европската Унија ќе се евидентираат електронски. Новиот систем ќе овозможи обработка на основни биометриски податоци, вклучувајќи отпечатоци од прсти и фотографија. Целта на воведувањето на ЕЕС е да се обезбеди побрза идентификација на патниците и поефикасно следење на дозволениот престој, согласно правилото за максимум 90 дена престој во период од 180 дена.
Системот ќе ги замени печатите во пасошите, односно повеќе нема рачно печатирање при секое влегување и излегување од ЕУ. Важи за сите државјани од земји кои не се членки на ЕУ, вклучително и граѓаните на Македонија кои патуваат краткорочно (до 90 дена во 180 дена). Податоците од првата регистрација ќе важат до три години, што значи дека следните патувања ќе бидат побрзи бидејќи ќе се врши само проверка на идентитетот. Децата под 12 години нема да даваат отпечатоци од прсти, туку само фотографија.
Од надлежните институции информираат дека со примената на системот се очекува и зголемување на времето на задржување на граничните премини при влез во Европската Унија, особено во почетната фаза на имплементација.